Срушени бараките на поранешната полициска станица во Ѓорче

Бараките на поранешната полициска станица во Ѓорче Петров заминаа во историјата. Екипи на општината деновиве интензивно работеа на нивно отстранување, но граѓаните останаа неинформирани, бидејќи недостасуваат табли за информирање за текот на градбата. Со цел да дознаеме дали на местото на некогашната полициска станица се планира изградба на некој нов објект од општествена корист се обративме првенствено во МВР, од каде што добивме одговор дека земјиштето со соодветна документација е пренесено во сопственост на општината, и оттука надлежноста за понатамошните случувања е во рацете на општината.

Од Ѓорче Петров добивме одговор дека земјиштето е во сопственост на Република Македонија, а бараките на МВР се предадени на општина Ѓорче Петров.

„МРВ даде согласност да се отстранат бараките, и со тоа да се ослободи простор за формирање на отворен паркинг простор, како што е предвидено со Деталниот урбанистички план. Претстојниот период ќе следи бетонирање на земјиштето, со што жителите од околните згради ќе добијат бесплатен паркинг“, ни одговорија од општина Ѓорче Петров.

Од друга страна пак, граѓаните се незадоволни. До редакцијата на „Слободен печат“ стигна реакција од револтирана жителка на оваа скопска општина која вели:

– Никој не не прашува нас, не дошле да седнеме да разговараме што ни треба, какви предлози имаме ние, од кај знаат тие што не ни поминале од таму 20 години, што ни треба нас – вели Ивана од Ѓорче.

Според нејзино кажување, веднаш позади местото каде што беа бараките има подземна гаража за околу 50 возила, која е руинирана и запустена од негрижа.

– Многу е едноставно, простор веќе има, уште подобро што е подземен, треба да се дезинфицира, искречи, светла да се сменат, и најважно врата на копче од оние модерните да се стави и тенда бидејќи замрзнуваше во зима и поради тоа најмногу не се паркираа таму… и ќе го решат цел проблем со паркирањето, а на местото на старата полиција може да се  изгради парк, фонтана, или градинка – вели Ивана.

Но, желбите на граѓаните е невозможно да се исполнат бидејќи за тој простор веќе има направено маркица, и освен паркиралиште, на тој простор не може да се гради ништо друго, децидни се од општината.