„Сретение господово“ нов црковен храм во Железара (ФОТО)

Македонската православна црква во соработка со Фондацијата за македонско-руско пријателство гради нова црква „Сретение господово“ во населбата Железара.

Храмот ќе биде на површина од 220 квадратни метри, а ќе се простира на бруто корисна површина од 260 квадрати. Градежните работи се започнати минатата година и до сега се изградени речиси 80 отсто од карабината на објектот. Изведувач е фирмата ДГТ „Жикол“.

Камен-темелникот на новиот храм е ставен на 15 февруари 2016 година. Објектот е во руски стил, а застапени се и македонски елементи на градење православни храмови. Содржините што се планираат ќе се градат во зависност од финансиите, а целиот комплекс ќе се гради во две фази.

Првичниот проект предвидувал да има две позлатени турбиња и камбанарија со девет камбани високи 30 метри. Црквата ќе претставува единствен црковен комплекс од ваков вид во Македонија, затоа што во конаците ќе бидат сместени и други содржини, а според проектот требало да се изградат и центар за дневен престој на стари, за дневен престој на деца со игротека, потоа амбуланта, хотел, кујна, ресторан, млечен ресторан, сувенирница, резиденција на скопскиот викарен епископ, дом на руската култура, фонтана и споменик на упокоените Руси во Македонија од 1917 година. Црквниот комплекс требало да располага и со повеќе игралишта, но потоа биле направени измени во проектот, а било променето и името на храмот од „Свето преображение“ во „Сретение господово“.

Од МПЦ не можат да прецизираат кога новиот храм ќе биде комплетно готов, бидејќи изведбата на внатрешните и специфични работи на иконостасот и фреските ќе бара повеќе време, а ќе треба да се најде и изведувач. Покрај црковниот храм, проектот предвидува и изградба на помошни простории, од кои дел ќе бидат административен дел. Исто така во рамките на верскиот објект планирана е изградба на старечки дом и детска градинка. Изградбата на овие дополнителни објекти, велат од МПЦ, ќе се реализира доколку се обезбедат доволно финансиски средства.