Средношколски игри во Градскиот парк

Во Градскиот парк во Скопје (позади Зоолошката градина) утре од 10 до 13 часот, во организација на ЗГ „СФЕРА“ Скопје, под слоганот „ЗАЕДНО ВО ПРИРОДА“ ќе се реализира четвртото издание на „СРЕДНОШКОЛСКИ ИГРИ 2016“, манифестација од забавен и натпреварувачки карактер за ученици од средните училишта на Град Скопје. 

Проектот што ќе содржи различни активности (крос, натпревари во знаење, уметнички вештини, еко игри, забава...) има за цел да ги поттикне средношколците да развијат свесност за потребата и неопходноста од нивен редовен престој во природа со цел подобрување и унапредување на нивното психофизичко здравје. На еднодневните игри ќе бидат вклучени ученици - натпреварувачи, наставници, директори, комисии, компании, но и останати ученици, родители, гости, посетители. 

Натпреварувачкиот дел од игрите ќе се случува од 10 до 11 часот, а од 12 часот ќе се прогласуваат и доделуваат наградите за најдобрите ученици по активности. Од самиот настан, учениците ќе испратат порака за поттикнување на здрав живот и почесто движење во природни средини, толеранција и заедништво меѓу младите, непотпаѓање на пороците дрога и алкохол, и ширење позитивни искуства и мисли со своите врсници. 

Средношколските игри е проект за анимација на средношколската младина во градот Скопје заради зачувување на нивното здравје сега (и во иднина), заради развивање на нивниот спортски и натпреварувачки дух, нивните психофизички, мисловни активности, заради споделување знаење, искуства, заради дружење со врсниците во природа, заради развивање и подобрување на сопствената личност, но и позитивно влијание врз другите. Сите овие активности имаат за цел и развивање на толеранција, почитување на другите (без разлика од која етничка и на која општествена група потекнуваат, од кое училиште доаѓаат).

Манифестацијата е поддржана од Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“, Здравствен дом Скопје, компаниите „Магрони“ со брендот „Ladna juicy“ и „Виталија“ со своите брендови.