Средба на Мицкоски со заменик-координаторот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ Торстен Фреи

На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, одличните односи помеѓу сестринските партии, но и за европската перспектива на Република Македонија.

Мицкоски истакна дека нашата држава се соочува со сериозен проблем, висока стапка на криминал и корупција во највисоките ешалони на власта. Тој додаде дека речиси сите поголеми случаи на висока корупција се уште немаат правна разрешница, а во нив се вмешани високи државни и партиски функционери на владејачката партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се фокусира на решавање на овој горчлив проблем и ќе биде фокусирана на суштински реформи во правосудството и на поле владеење на правото.

Соговорниците ги потврдија одличните односи помеѓу двете сестрински партии, ВМРО-ДПМНЕ и ЦДУ и се согласија дека постои простор за натамошно продлабочување на соработка.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и на Република Македонија е членството во Европската Унија и поддршката која нашата држава ја добива од Германија и владата на сестринската партија ЦДУ/ЦСУ во целиот овој изминат период е од клучно значење.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ