„Срце“ за скршенитe срца на Рекорд, „Гулаби“ за маџирмаалци

„Дојдов во 7, те чекав до 8, ако не дојдеш до 9, си одам во 10“. Ова е напишано на срцето кое е уметничка инсталација изработена од скулпторот Андреј Митевски, како дел од проектот „Урбани топоними акции“, наменета за зачувување на спомените на град Скопје, а е поставена токму позади некогашната автобуска постојка но и продавница „Рекорд“, во знак на сеќавање на ова место кое некогаш беше препознатливо за средби.

Колку скопски љубови почнале со првиот состанок на „Рекорд“? Со децении, тука почнуваа состаноците на илјадници вљубени скопски парови. Тука почнуваше ноќниот живот на генерации млади скопјани. Се среќававме под првото или второт „Р“, под „О“ или под „К“, секој под својата специјална буква од натписот на некогашната продавница, ударнички наречена „Рекорд“ во одамна минато време кога секоја втора фирма беше „Прогрес“, Победа“ или „Идеал“, во духот на идеалот за напредок на општеството.

Се испраќавме со последните автобуси пред полноќ, до кога автобусите возеа по редовен возен ред, а оние задоцнетите го чекаа полноќниот.

Во меѓувреме, се посетуваше уште една претпоследна станица – бурекџилницата „Ванила“ отспротива, каде претполноќниот врел бурек се служеше набрзина  пресечен на големи коцки, а се јадеше со две вилушки, стоејќи, под огромните слики со орачи, сејачи, жетвари, пекари и „работен народ на топол оброк“, кои го опишуваа патот на омиленото скопско печиво „од полето до трпезата“.

Оттогаш на “Рекорд“ минаа многу автобуси. Многумина се состанаа и се разделија. Исчезна и автобуската постојка, но остана името.

„Рекорд“  можеби не го оправдал социјалистичкото име на продавницата со нови победи на пазарот, но повеќе од сигурно поставил којзнае колку рекорди во чекања, испраќања, нови љубови и скршени срца. И остана скопски топоним, и синоним за место за состанување. Место каде што почнуваат илјадници мали, а големи приказни, мали, а големи љубови. Сосема обично место со сосема обични луѓе, а за секого од нив, толку посебно место за толку посебни луѓе.

(Извор - Вечерпрес)