Спортски викенд Илинден 2016 „Ние навиваме за Македонија“

Во рамките на одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ, патрониот празник на Општина Илинден “Илинден 2-ри Август“ и 20. годишниот јубилеј од постоењето на Општината, претстојниот викенд (23 и 24 јули), под мотото „Ние навиваме за Македонија“ по 8-ми пат ќе се одржи традиционалниот Спортски викенд „Илинден 2016“.

На манифестацијата ќе учествуваат над 600 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, кошарка, тенис, трчање и фудбал.

Централен настан на Спортскиот викенд е професионалната велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2016”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја.

„Трофеј Илинден 2016” има интернационален карактер бидејќи на оваа трка настапуваат велосипедисти од повеќе држави. Стартот е закажан за 23 јули (сабота) во 16 часот пред Спортската сала „Гоце Делчев“, каде што е и целта, а ќе се возат 5 круга низ населените места на Општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Бујковци, Миладиновци и Кадино. Патеката е кружна, а должината на еден круг е 20 километри. Се очекува да настапат 75 велосипедисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории: мастерс, кадети, јуниори, жени и елит.

На професионалната велосипедска трка „Трофеј Илинден“, ќе и претходи велосипедска трка за рекреативци во должина од 5 километри, на која, независно од возраста, можат да учествуваат сите заинтересирани граѓани.

На шаховски турнир што Општина Илинден го организира со Шаховската федерација на Македонија годинава ќе учествуваат повеќе од 20-на шахисти.

На тенискиот турнир, пак, што Општина Илинден го организира во соработка со Тениската федерација на Македонија ќе учествуваат 32 тенисери.

Кошаркарските натпревари на кои ќе учествуваат 12 екипи ќе се одиграат во Спортскиот центар „Марино“.

Значајно место на Спортскиот викенд заземаат и натпреварите во трчање, на кои се очекува да се натпреваруваат над 200 ученици во штафетно трчање 4Х600 метри, како и во трките на 300 и 600 метри.

Во рамките на Спортскиот викенд „Илинден 2016“ на 24 јули со почеток во 20 часот на фудбалското игралиште во Марино ќе се одигра фудбалски натпревар.

Покровителот на Спортскиот викенд „Илинден 2016“, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, на најдобрите екипи и поединци ќе им додели соодветни награди, пехари, медали, како и маици со мотото на Спортскиот викенд „Ние навиваме за Македонија“.