Министерството за култура е во координација со Град Скопје и со Општина Центар околу модалитетите за отстранување на спомениците од проектот „Скопје 2014", но ако бидат отстранети постои и ризик од уништување на доказниот материјал во постапките што за нив ги водат обвинителствата.

– Голем дел од тие објекти се и предмет на постапките што се водат во Специјалното јавно обвинителство, дел од постапките се и во Јавното обвинителство, а се разбира некои од нив ни требаат и како обезбедување материјален доказ. Доколку ги отстраниме, секако, постои и мал ризик во тие постапки да го уништиме доказниот материјал. Прашањето е сложено. Она што е до нас, ние детално ги анализираме, како се изградени, на кој начин, кој се потпишал како автор, кои процедури и закони се прекршени. Наоѓаме неправилности и во самата постапка на изградување на тоа што веќе било зацртано од нив како план, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски на презентацијата на предлог-буџетот за 2018 година.

Соопштија дека е замрзната изградбата на скулптуралната композиција „Мајка Тереза" на плоштадот „Македонија" додека не одлучат дали ќе биде дообликувана како објект или ќе се работи на нејзино отстранување. Ако се задржи сегашната фаза од изградбата, за што се преговара со изведувачот, тој споменик ќе чини двојно помалку од она што било планирано.

– Многу малку пари ќе треба доколку решиме да ја конзервираме во овој момент како еден огромен вертикален ѕид со бел мермер и конструкција на фонтана. Тоа е платено и доколку решиме да го конзервираме во тој степен, без допонителните кич-елементи што беа најавени, нема да создава дополнителни средства. Пристапивме во преговори со изведувачот и сите работи кои беа во проектот, како бронзени скулптури на ангели и позлати, сето тоа го запревме. Во овој момент композицијата чини околу два милиона евра, што е многу помалку од првично замислените преку 4 милиони евра. Тука заштедивме многу пари на граѓаните, рече Алаѓоозвски, кој претставувајќи го предлог-буџетот за 2018. рече дека е развоен и му става крај на проектот „Скопје 2014".