Спој меѓу историјата и иднината: 11-та меѓународна изложба на олдтајмери

Оваа сабота граѓаните на Скопје ќе имаат единствена можност да го поминат своето слободно време меѓу историјата и иднината – по 11-ти пат ќе биде организирана меѓународната изложба на историски олдтајмер возила, придружена со повеќе модерни Peugeot автомобили и дел од програмите кои Еуроимпекс ги застапува на македонскиот пазар. Организаторот АМК Џип Рели Спорт е подготвен да ги исполни очекувањата на посетителите како што тоа беше и претходните години.

„Изминативе две години домаќин на настанот беше Еуроимпекс и истиот се одвиваше во кругот на компанијата. Оваа година ќе се понуди нешто малку поинакво, па настанот овој пат ќе бидe на улицата Михаил Чоков кај Општина Центар (кај Градски парк). Свеченото отворање е закажано за 11 часот, а доделувањето на признанијата, прогласувањето на победниците и затворањето на изложбата во 15 часот“, изјави Ана Николоска.

Претседателот на АМК Џип Рели спорт Димитрије Пеливанов информираше за техничкиот аспект на изложбата: „Според правилата на Меѓународната федерација FIVA секое возило кое ќе биде претставено мора да биде произведено пред 7 мај 1986 година, односно да е постаро од 30 години. Воедно треба да биде одржувано во оригинална состојба или реставрирано еднакво на оригиналот.“ Се очекува да бидат изложени повеќе од 80 историски возила и 20 мотоцикли. Најдобрите меѓу нив ќе си отидат со некоја од наградите во повеќе категории кои ќе ги додели стручната комисија за оценка на возилата.