Спасовски: Унапредувањето на безбедноста е од заеднички интерес за Северна Македонија и за Албанија

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со заменик министерот на МВР, Агим Нухиу и градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски денеска во Општина Пустец, Албанија имаше средба со албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Лешај, градоначалникот на Пустец, Пали Колевски и пратеникот во албанскиот Парламент, Васил Штериовски.

Заблагодарувајќи се на градоначалникот на Пустец за иницијативата за организирање на средбата, како и на неговиот албански колега за гостопримството, министерот Спасовски потенцираше дека унапредувањето на безбедноста, како основа за развој на државите, е од заеднички и примарен интерес и за Република Северна Македонија и за Република Албанија.

-Интерес на нашето МВР е унапредување и продлабочување на билатералната оперативна полициска соработка со МВР на Република Албанија на повеќе нивоа, истакна министерот Спасовски, потенцирајќи дека тоа е од приоритетно значење и по националната, но и по регионалната безбедност.

Спасовски, како што е наведено во соопштението од МВР, нагласил дека владите на двете земји се должни заедно да работат на подобрување на севкупните услови за живот на луѓето, а во тој контекст ја апострофирал иницијативата за интегриран пристап во менаџирањето на граничниот премин Ќафасан во насока на олеснување и динамизирање на протокот на луѓе и стоки преку овој граничен премин кој би функционирал по принципот „One stop shop”.

-За мене како заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија и како министер за внатрешни работи пораката што денес ја испраќаме токму од овде во Пустуц, општина која што е мост меѓу Македонија и Албанија, не е само порака за добрососедските односи туку и порака за заедничка поддршка за развој на оваа област, и со тоа сакаме да им порачаме на граѓаните што живеат во Пустец дека тие ќе можат да сметаат на нашата целосна поддршка во подобрување на животните услови, истакнал министерот Спасовски во својата изјава по работната средба со неговиот албански колега Лешај.