Создаваме 700.000 тони отпад годишно - пластика 38.000 тони

Според последните податоците од Јавната презентација на решенија за управување со отпадот во Македонија, на годишно ниво во Македонија се создаваат околу 700.000 тони отпад, односно секој човек прави по околу 350 килограми отпад годишно. Од вкупниот отпад, дури 38.000 тони се пластика, за што се потребни векови за да се распадне.

Со оглед на тоа што последните истражувања покажуваат дека во почвата, водата, но и во храната е сѐ позастапена микропластиката, потребно е намалување на овие високи бројки, кои укажуваат дека Македонија има ниско развиено чувство за еколошка свест.
Според податоци од „Еуростат“, се проценува дека 42 проценти од амбалажниот ПЕТ-отпад во Европската Унија бил рециклиран во 2017 година. Исто така, во седум земји-членки на ЕУ, во 2017 година повеќе од половина од вкупниот амбалажен ПЕТ-отпад бил рециклиран. Споредено со 2005 година, стапката на рециклирање на пакувањето од пластичен отпад е зголемена за 18 проценти во ЕУ. Податоците покажуваат дека во 2017 година стапката на рециклирање во ЕУ изнесува околу 42 проценти. Последните податоци покажуваат дека европските земји имаат над 60 отсто рециклажа на ПЕТ-отпадот.

Според менаџерот за грижа на корисници Ико Брдароски од „Пакомак“, во Македонија отпадот од пакување не се рециклира, освен во некои мали капацитети во кои се преработуваат пластична фолија и пластични гајби. Во најголем дел, над 90 проценти, отпадот од пакување се извезува во соседните земји за да се рециклира таму. Македонија има едвај 40 проценти, поточно од 20 до 25 отсто документиран и уште 10-15 отсто недокументиран собран амбалажен отпад од неформалните собирачи на годишно ниво. Доколку се мисли на преземање на концептот за селекција, се поставува прашањето зошто овој процент е низок?

Според еколошките експерти, потребно е да се работи на свеста кај луѓето од една страна, но од друга страна потребно е да се создадат услови за да можат граѓаните да го селектираат отпадот од пакување. Под услови се подразбира да има контејнери каде што ќе може да го фрлат селектираниот отпад. Според Брдароски, има неколку проблеми што веќе осум години опстојуваат, а за да се решат треба систематско работење бидејќи не се решаваат овие проблеми прекуноќ.

– Неформалните собирачи континуирано ги уништуваат овие контејнери во борба да заработат некој денар. Од таа причина нема насекаде достапни контејнери. Тие ги гледаат контејнерите како конкуренција што им го зема парчето леб, а не се свесни дека прават голема штета. По однос на ова прашање никој не презема ништо, ниту државата се труди да ги формализира овие собирачи, ниту казнила некого за уништување на оваа опрема ниту пак презела активности да се легализира работењето на оваа група луѓе. „Пакомак“ стои на располагање со целото свое знаење и искуства заедно со државните институции да работи на проблематиката за формализирање на оваа група луѓе, со намера повторно да собираат отпад, да бидат здравствено и пензиски осигурени. Имаме знаење и искуства како да се реши ова, но не можеме без помош од институциите – вели Брдароски.

Според Брдароски, јавните комунални претпријатија (ЈКП) во најголем дел не се соодветно подготвени и технички и со знаење да одговорат на предизвикот за селективно собирање на амбалажниот отпад од една страна, а од друга страна не се согласни тој сервис да дозволат да го работат приватни оператори.