Современи и подвижни бини на 6-те плоштади во Скопје

Изградба на современи и подвижни бини за настани и манифестации на плоштадите. Ова е еден од седумте нови проекти наменети за младите лица кои ги најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Во овој проект е превидено градот Скопје по теркот на современите метрополи да изгради вкупно 6 функционални и подвижни бини со цел зголемување на културната и забавната понуда на младите. Ќе бидат опфатени 6 различни плоштади:плоштад Македонија, плоштадот Филип Втори, плоштадот Мајка Тереза, плоштадот Пресвета Богородица кој за месец-два ќе биде целосно завршен, плоштадот Скендербег и плоштадот ВМРО, рече Груевски.

Тој потенцира дека согласно планот за активности на надлежните институции, на овие места ќе има најмалку два пати неделно различни младински настани од културен, едукативен, концертен карактер.

-Ќе се потрудиме да има речиси секој ден во различно време настани на сите овие плоштади користејќи ги овие бини. До самите бини ќе има донесена електрична инсталација за да можат да бидат приклучени сите електрични уреди кои се потребни за тие кои ќе прават одреден настан на самата бина. Нивната функција ќе биде анимација на младите и овозможување на корисен простор и збиралиште на младите. Бините ќе бидат монтажни, подвижни и соодветно декоративно уредени во просторот. Првите две бини ќе бидат поставени оваа година, на плоштадот ВМРО ако успешно се завршат подготовките ќе биде готов мај-јуни, а втората на плоштадот Мајка Тереза, најдоцна до крајот на оваа година. Потоа во периодот што следи ќе се постават и преостанатите 4 бини, рече Груевски.