Советот на јавни обвинители ќе расправа за Јанева од понеделник

 Седницата на Советот на јавни обвинители на која треба да започне постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе биде закажана од понеделник бидејќи не се доставени комплет списите кои се побарани.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев во изјава за МИА вели дека до нив е доставен извештајот, но оти не се комплетирани списите што треба да ги достави Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за активностите што се преземени во предистрагата и истрагата за случајот „Рекет“ во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка Јанева.

Штом ги добијат комплет списите, како што изјави Штерјев, ќе биде закажана седницата на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева.

По приведувањето на Јанева, СЈО е обезглавено, неговата судбина е нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус.

Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител во разумен рок треба да достави до Парламентот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување. Извештајот би бил достапен на јавноста преку комисиите во Собранието, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење.

Врз основа на доставниот извештај, а на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Денеска пак обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“ во врска со тоа дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, рече дека Законот за ЈО, кој важи доколку некои одредби не се веќе определени со Законот за СЈО, има повеќе решенија.

– Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител. Сепак, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинители и да го оставиме да си донесе одлука. Како што разбрав, веќе се во процедура и ќе видиме што ќе донесат, изјави Стефанова.

Таа себе си не се гледа како иден шеф на СЈО и нема намера да конкурира.

Стефанова изјави дека СЈО во овој момент се наоѓа во една од најтешките состојби од своето основање и упати апел до политичарите и сите чинители во државата да седнат и да го донесат законот за Јавно обвинителство за да немаме прекини на постапките.