Совет од 35-годишна жена која боледува од рак: Сакајте го животот, не плукајте на благословите кои ги имате

Живееме брзо, сакаме многу. Добиваме нешто, а потоа сакаме повеќе и повеќе. Се чини дека нема крај. Животот брзо ни минува, не го забележуваме тоа, се додека не дојде еден ден кој менува сè.

Имав симптоми, но постојано го одложував одењето на лекар. Мислев дека повторно имам проблем со железото и дека пак ќе треба да се „мачам˝ со витамини и суплементи. Симптомите стануваа поочигледни, но мислев дека сум само уморна. Но, дојде денот кога ја слушнав веста за која никогаш не ни помислив дека може да ми биде упатена на мене. Секогаш мислев дека лошите работи им се случуваат на другите луѓе.

Штом слушнав, знаев дека тука е крајот. Рак на белите дробови. Колку тешко ќе ми биде да го поминам тоа. Животот не е фер, си велев.  Се измачував со денови.

Потоа сфатив -  јас веќе немам многу избори во животот, освен тоа да бидам среќна во оние денови кои ми преостануваат. Не е веќе важно дали го имам најскапиот телефон, не е важно дали сум подобра од другите на работа, не е важно дали го имам најубавиот автомобил меѓу пријателките. Важно е да сум среќна и да ги направам моите најблиски среќни во овие денови кои ми преостануваат. Не можам да ја намалам нивната болка или да ја минимизирам нивната загуба, но можам да ги правам среќни секој ден од преостанатите денови од мојот живот, но и да ги потсетам на сите убави спомени кои ги доживеавме заедно.

Никогаш претходно не сум размислувала за тоа колку е скапоцен животот, а како го земаме “здраво за готово”.  Животот е некогаш толку едноставен, а преубав, а премногу го комплицираме со неважни нешта. Животот не мора постојано да е фер, но тој е убав и ни дава огромна можност да живееме по своите убедувања и да бидеме среќни со тоа што го имаме и со луѓето кои ги сакаме. Зошто постојано бараме повеќе и повеќе? Зошто никогаш не сме задоволни со ништо? Огромна е вредноста на животот и на оние работи кои ги добиваме во него, а ние често ги множиме со 0.

Откако ја дознав мојата дијагноза, видов љубов и добрина како никогаш претходно. Посакувам да бидеме добри со луѓето бидејќи заслужуваат, а не само од милостина или сожалување. Не мора да сме добри само со оние кои се на крајот од животот, туку со секоја личност која ја среќаваме. Не е тоа толку тешко, само правиме огромна филозофија од тоа.

На крајот, треба да сфатиме дека вредноста на еден живот не е во тоа колку години живееме, туку во добрината која ја оставаме позади себе и љубовта која ја носиме во нас низ текот на годините. Иако посакувам  мојот живот да траеше подолго, јас сум среќна што живеев убав живот.