Сообраќајниот метеж на Бутелска ќе трае до 15 април

Сообраќајниот метеж на улицата „Бутелска“, која е единствената опција за поврзување на жителите на Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и многу други населени места со централниот дел од Скопје, ќе трае до 15 април, за кога како што најавуваат од Градот Скопје треба да заврши поврзувањето на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош со улицата Цетинска.

Улицата Бутелска нема капацитет да го собере целиот сообраќај и на неа се создава голем сообраќаен метеж, особено на крстосницата со улицата „Босна и Херцеговина“ и на кружниот тек со улицата „Боца Ивановска“, каде патувањето во просек се продолжува за околу 25 минути. Од Министерството за внатрешни работи во изминатата недела на овие две точки се распоредени полицајци кои го регулураат сообраќајот.

– Во согласност со изведбениот проект во оваа фаза на реализација на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, треба да се изведе спојување на атмосферската и фекалната канализација со постојната подземна инфраструктура на улицата Цетинска. Изведбените решенија се затекнати и врз основа на нив претходно се изработени времени сообраќајни решенија што треба да ги спроведе сообраќајната полиција за регулација на сообраќајот и непречено движење на возилата и јавниот превоз. Работите на оваа фаза треба да завршат надоцна до 15 април, оваа година, информираат од Градот Скопје.

Сообраќајниот метеж на улицата Бутелска се создава бидејќи освен градежните работи на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, истовремено за сообраќај е затворена и улицата „Александар Урдаревски“, која ги поврзува населените места од подножјето на Скопска Црна Гора со центарот на градот.

– Што се однесува  до улицата Александар Урдаревски, работите треба да финишираат до првата недела од мај, поради зимските и влажни денови се одложи завршницата од работите на коловозот, а останатата инфаструктура и тротоарите се изведени, информираат од Град Скопје.

Продолжувањето на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ се врши во две фази. Првиот дел од булеварот, почнува кај надвозникот во близината на социјалните згради во Бутел 2, сѐ до улицата Натанаил Кучевишки во Бутел 1. Вториот дел ќе се гради од споменатата улица до големата клучка на скопската обиколница кај Љуботенски Пат. Кога ќе биде целосно завршено продолжувањето и булеварот ќе треба да се поврзе со обиколницата и да се добие нова сообраќајна алтернатива за неколку десетици илјади граѓани.

Почетокот на изградбата на првата фаза од продолжувањето на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ почна во декември 2015 година. Вредноста на проектот, како што тогаш беше најавено, изнесува околу 160 милиони денари, или околу 2,6 милиони евра.