Сообраќајот на магистралниот пат Битола-Прилеп од 17:20 часот е во целосен прекин поради сообраќајна незгода кај село Тополчани, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Сообраќајот на останатите државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.