Софија најавува поевтин роаминг со Македонија

Реално е следната година во тек на претседателстово на Бугарија со Советот на Европската унија да биде намалена цената на роаминг со Македонија и другите држави од Западен Балкан, оцени министерот за транспорт, информатички технологии и комуникации, Ивајло Московски.

Како што објасни, Бугарија има подготвено меморандуми со сите држави од Западен Балкан за намалување на цените на роаминг. Тоа се меморандуми на државно, а не на европско ниво, а кои ќе дадат „зелено светло“ операторите да ги намалат цените за разговор, пораки и интернет во роаминг, пренесува БТА.

Московски на почетокот на месецов  изјави дека очекува до крајот на годината операторите да потпишат договор оквалификувајќи ги како страшни сегашните цени од шест-седум лева за минута со Македонија,  Босна и Херцеговина или Србија.

Најавите од Софија за намалување на цените ќе биде втора конкретна иницијатива во таа насока за регионот. Три години по ред врз основа на меѓусебен договор беа намалени цените во роаминг меѓу Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.