Собранието пред распуштање: Треба да се гласа за Законот за ЈО

Собранието денеска напладне треба да ја одржи 137. седница на чиј дневен ред е Предлог-одлуката за негово распуштање во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април.

Предлог-одлуката е поднесена од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Пред распуштањето на Парламентот, треба да се одржат продолженијата на 135. и 123. седница. Пратениците во рамки на 135. седница се очекува да гласаат за Предлог-законот за јавно обвинителство и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, додека во рамки на 123. седница треба да се изјаснат по предлог-измените на Законот за одбрана.

Расправата за законот за јавно обвинителство почна во петокот и заврши доцна вечерта, а спикерот Џафери најави дека гласањето ќе се спроведе кога ќе се обезбеди потребното мнозинство. Седницата 135. продолжи вчера во 13 часот со расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители. Двата закона, со европско знаменце, се носат по скратена постапка, а за гласање е неопходно двотретинско мнозинство.

Расправата за измените и дополнувањата на Законот за одбрана почна и заврши вчера. Но, на 123. седница, освен оваа точка по која треба да се гласа и за што е потребно двотретинско мнозинство, ставени се и други законски решенија, меѓу кои измените за Изборниот законик предложени од група пратеници за една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност на листите, за кои се поднесени неколку илјади амандмани.