Со зборовите на мојата баба, тие се земале...

Со зборовите на мојата баба, тие се земале. Веднаш по матурата. Можеби таа тајно била заљубена во него, можеби тој ѝ симнувалв ѕвезди, можеби тоа била љубов за цел живот, но таа слика од нив двајца на церемонијата никако не може да ми излезе  од глава.

Кисели насмевки, детски и наивни, темно сино одело кое е еден број поголемо и струкирано кремаво комплетче кое ни средновечни тетки не би го облекле. Изгледале како да тргнале на маскенбал. Директно од училишни клупи таа во раката стегнала бидермаер од вештачко цвеќе, а тој ја стегал нејзината рака.

Дознав дека таа брачна заедница почнала како голема семејна заедница. Тој веднаш се вработил, таа на почетокот била „само снаа“. Секому биле доделени обврските, сѐ според програмата „тие се земаа“. „Да се земеш“ значело токму тоа, да „земеш сѐ“. И љубовта (ако ја има) и обврските и грижата за домаќинството, родителите и на двете страни, тетките, бабите и стрините, семејната историја и навиките. Без модерни измислици.

Тие не почнале да живеат заедно. Немало пробен период, партнерски соживот. Таа преминала од куќата на родителите во куќата на свекрвата и свекорот и требала да го чека породувањето. Кога ќе дошла комшиката – требала да вари кафе и да ги слуша озборувањата. Кога ќе се најавеле гости, требала да исчисти, да подготви сѐ. Кога тој ќе дошол од работа, таа ќе му се насмевнала и кришум ќе го бакнела во ходникот. Да не види никој. Нивната соба немала клуч, па секој можел да си влезе кога сака и „кога нешто му треба“.

Кога бебето се родило, нејзините гради биле галерија – колку и да се тргала на страна за да го дои на мир, секогаш се појавувал некој кој мораш баш тогаш нешто да праша. Уште не заздравела од првото породување, веднаш почнале да ѝ нарачуваат второ. Имала само 21 година кога се породила со второто дете.

Дотогаш веќе знаела сѐ: и како се меси тесто за кифлички, како се полни пиперка, како се кисели зелка за зимница. И така ѝ поминувале деновите. Ниту еднаш не отишле некаде заедно на одмор. Секое излегување од дома било пропратено со љубопитни погледи и дрски прашања: „А каде ќе одите сега?“ За секое поголемо купување следел и совет: „А мораш баш сега да го купите тоа?“ Неговата плата била заедничка, дел од куќниот буџет – не можеле туку така да купуваат.

Тогаш таа се вработила за да „имаат свои пари“. Со првата плата, дома донела кеса полна со храна, средства за куќата, за секого по некоја ситница. Кога со гордост ги наредила работите на маса, свекорот се навредил.

Тој рекол: „Јас мислам во оваа куќа има само еден домаќин.“

Тогаш сфатила дека доколку не си отидат, животот никогаш нема да биде добар. Додека ние студиравме и џаболебаревме, таа отплаќаше кредит за стан. Децата растеле заедно со камати и грижи и нејзе ѝ делувало дека наскоро и животот ќе престане. А тогаш се случи спротивното. Таа го надрасна животот.

Заедно се погодивме во болница. Јас во раката ја држев мојата трудничка книшка, таа ги држеше своите резултати од анализа на крвта, кои не беа баш најдобри.

Таа ми се насмевна и рече: „Ми рекоа дека тоа е обичен израсток, секоја втора жена го имала. Изгледа јас сум таа втората.“ Нејзината насмевка ми предизвика горчина во душата.

„Но, не е страшно. Велат дека кога си помлад, полесно се оздравува. Би сакала само да сум навистина толку млада колку што пишува во личната карта, а не на ова парче хартија“ – рече и ги стисна резултатите. Мене ми се стегна грлото.

„Извини, јас само мелам. Мојот ме чека во автомобилот. Треба да му се каже. Нема да биде лесно.“

Тргна кон излезот, застана за момент и му рече: „Знаеш, откако се земавме, ова е првпат да се разболам.“

И така си отидовме и двете, а мене сѐ уште ми одекнуваше таа фраза во главата. „Да се земете“. Првпат не ми беше ни смешна, ни груба. Со зборовите на мојата баба, тие се земале. „Да се земете“ значело токму тоа – да земете сѐ. И љубов и обврски и грижата за домаќинството, родителите и на двете страни, тетките, бабите и стрините, семејната историја и навиките. Без модерни измислици.

Да земеш сѐ. И да дадеш сѐ.
А тоа е повеќе од кој бил прстен и свадба.