Со закон таткото да мора да оди 3 месеци на породилно отсуство

Со закон таткото да мора да оди 3 месеци на породилно отсуство. Невладиниот сектор повеќе од 10 години бара да биде поделено правото на родителите да отсуствуваат од работа кога ќе им се роди дете. Сметате ли дека и мажите треба да се врзат со домот и семејството на овој начин?

Во Македонија иако полека, расте бројот на татковци што наместо мајките ја користат можноста за платено отсуство од работа кога ќе се роди бебе, популарно познато како породилно боледување.

Таткото може да оди на боледувањето наместо мајката само доколку во моментот на породувањето ги исполнувал условите, односно да има шест месеци непрекинат работен стаж. Според правила, таткото може да земе платено боледување само по 45-тиот ден од раѓањето на бебето. Имено, во Законот за работни односи е определено дека работничка што користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето.