ЈСП ги постави држачите за велосипеди на три автобуси што се движат на линијата со број 25 која сообраќа од Транспортниот центар до Средно Водно.

Kако што информираат од Јавното сообраќајно претпријатие, на секој од овие автобуси има по три држачи на задниот дел од автобусот.Доколку се покаже интерес од страна на граѓаните, од претпријатието велат дека ќе постават вакви држачи на повеќе возила.Kористењето на држачите е бесплатно и се одвива на принципот прв дојден, прв услужен, пренесува Дневник.

Според надлежните од ЈСП, вкупната цена за држачите е околу 9.000 денари за еден автобус, а на секое возило се монтирани по три држачи.

Групата ентузијасти велосипедисти од „На точак“, кои со години организираат низа настани за да го промовираат велосипедот како секојдневно превозно средство, го поддржаа проектот како позитивна новина и придонес во развојот на интегрираниот превоз во градот.

Kонкретната иницијатива за овој проект потекна од ЈСП, при што „На точак“ учествува со свои предлози и совети.

На крајот на мај лани ЈСП и „На точак“ одржаа средба по која граѓаните велосипедисти информираа дека има големи потенцијали за комбинирањето на автобускиот и велосипедскиот превоз, односно обата може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот - јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедот поради можноста за превоз до врата.

Целни групи за комбинирање на превозот би биле, на пример, граѓаните од приградските населби, кои патуваат на работа или факултет. Тие до Скопје би допатувале со автобус, а би го продолжиле патувањето со велосипед низ градот. Или граѓаните што живеат во зони што не се на пешачко растојание од автобуските линии и поради тоа не ги користат, би пристигнале со велосипед до соодветната станица, а патувањето би го продолжиле со автобус. Исто така, жителите и посетителите што со велосипед би ја продолжиле туристичката прошетка во насока кон Скопска Црна Гора, Kатланово итн. откако со автобус ќе стигнат до крајните дестинации.

Велосипедистите сметаат дека комбинирањето на превозот е и во полза на ЈСП бидејќи ќе ја зголеми достапноста до автобусите, а особено е важно за заштита на животната средина, конкретно за намалување на штетните емисии во воздухот.