Со трезвено однесување спасен животот на жена нападната од кучиња

Петнаесетина крволочни кучиња подготвени за напад, ги демнеат пешаците и велосипедистите, на смрт ги преплашуваат со лаењето, а доколку во скоро време не се превземе ништо и не се отстранат овие кучиња,  може да заврши со страшни последици по нечиј живот. Ваква е сликата веќе подолг период пред ФОН Универзитетот во Скопје, надлежните замижуваат пред проблемите, секогаш се правдаат со зборовите “не сме знаеле дека таму има глутница на кучиња“ , а жалосно е тоа што веројатно може да ги разбуди единствено несакана ситуација со последици по нечиј живот,  за конечно  да превземат нешто и да спречат воопшто нешто да се случи. Во текот на изминатиот ден, доцна навечер до нашата редакција стигна писмо од наша читателка, видно вознемирена, која раскажа за нападот на кучиња врз жена, а на кој она била сведок и со трезвеното однесување успеала да ја спаси од крволочните кучиња, а како што наведува, на оваа случка биле присутни голем број на граѓани кои застанале со своите автомобили и прижиле помош на жената која би падната на улицата.

-Часот беше околу 10 навечер, се враќав дома, кога возејќи забележав како 15-сетина кучиња се пуштија на жена кога поминуваа токму покрај “нивната територија“. Немав многу време за размислување како да постапам, жената избезумено се одидуваше да побегне од нив, но тие беа се повеќе крволочни, во еден момент истрча на улицата и падна на пешачкиот премин и верувајте да не се најдев токму во тој момент таму, ќе беше многу лошо, раскажува Сања која била првиот сведок и прва што дотрчала за помош.

Таа објаснува дека безмалку секојдневно поминува оттука и постојано ги гледа кучињата, кои од ден на ден се се повеќе. Понатаму раскажува како со својот автомобил успеала да ги исплаши кучињата и тие да избегаат и да се тргнат од жената која била падната на улицата.

-Жената беше долу, а паѓајќи стакленото шише кое што го носела беше искршено и навистина среќна околност е и тоа како воопшто не беше исечена. Имајќи ја во преглед ситуацијата, автомобилите зад мене беа далеку, пуштив четири жмигавци и продолжив да возам кон кучињата, бидејќи да застанам и да излезам од автомобилот не би успеала да помогнам. Кога со возилото отидов кон кучињата, тие се разбегаа и ја оставија жената, излегов од автомобилот да и помогнам, а веќе се појавија и другите граѓани кои веднаш притрчаа за помош, раскажува Сања.

Откако ја смириле нападнатата жена, Сања со автомобилот ја однела до дома, која живеела во населбата Ново Лисиче.

-Ја однесов со автомобил до дома, најважно беше дека немаше никакви повреди, но стресот беше многу голем и тој ќе остане во нејзината глава. Таа секојдневно поминуваа оттаму бидејќи работи во Нептун и пешачи до работа и назад. Ви се обратив Вам за да се објави тоа што се случи, да не дојде до некоја трагедија, па потоа сите да бараме чија била вината. Градот Скопје, стационарот Вардариште мораат под итно да превземат нешто, тука секојдневно поминуваат граѓани со велосипеди, како и јас, тука граѓани пешачат со своите деца за да отидат до парковите во Општина Аеродром. Да спречиме да се случи несреќа, потенцираше Сања.

Таа повика на ангажираност од сите надлежни институции, а исто така ја повика и организацијата за заштита на животнитеАнима мунди, да појдат до ФОН Универзитетот и на лице место да ја согледаат опасноста која демнее од глутницата кучиња.

-Сакам да појаснам, јас сум голем љубител на животни, имам два француски булдози дома, едно куче во двор кое што не е расно, и три кучиња пред двор кои исто така не се расни, а неколку години ги чуваме и седат таму. Сакам да истакнам, дека овој проблем не е во тоа дали сакаш кучиња или не, туку проблемот е во тоа што некој може да настрада, кога 15 кучиња ќе нападнат, тие не прашуваат дали си љубител на кучиња или не си, тие напаѓаат! Тоа вчера што го видов со свои очи беше страшно и вознемирувачко и фала му на господ што се помина беа последици, освен стресот кој е неминовен, а голем број на луѓе беа сведоци и исто така голем број на граѓани се сведоци колку многу кучиња има во тој дел на градот и дека ако наскоро не се превземе нешто, може да се случи трагедија, заврши Сања.