Со староградска музика и седумина тамбураши: Свечено отворање на "Боемска улица 2"

За на 23 декември се подготвува свеченото отворање на вториот дел од „Боемска улица“. Општина Центар соопшти дека настанот ќе биде автентично боемско уживање, кое ќе биде збогатено со настапот на бардот на староградската музика, Звонко Богдан, придружен со седумина тамбураши.

Вториот дел од „Боемска улица“ има должина од 270 метри и површина од 4.000 метри квадратни, а се протега од улицата Орце Николов до дворот на Градежниот факултет. 

Во текот на нејзината изградба, старите и дотраени бекатон коцки и улични рабници беа заменети со природни материјали и гранитна коцка. Поставена е нова атмосферска канализација , а површинските води и водата од олуците ќе се сливаат преку поцинкувани канали. 

„Повеќе ја нема ни грдата слика на висечките кабли од кабловските оператори и од ЕВН, бидејќи истите се ставени под земја. Улицата ја краси ново зеленило. Наскоро ќе се насади нов дрворед од 18 садници (костени), а во жардиниерата кај ОУ „Коле Неделковски“ има зимзелени садници и цветен расад . Улицата ќе се разубави со нова урбана опрема: клупи, корпи за отпадоци и држачи за велосипеди. Уличното осветлување ќе се збогати со нови квалитетни канделабри. Улицата ќе има посебен режим на сообраќај, исто како и првата “Боемска улица“. Граѓаните ќе може да уживаат во тишината и пријатната музика на кафеаните, бидејќи на новата Боемска улица, паркирањето ќе биде забрането“, соопшти Општина Центар.

- Задоволство е да се види успешно реализираниот проект кој на граѓаните ќе им овозможи уште еден простор за релаксирање и уживање. Простор во кој ќе доминираат автентичните звуци и вкусови и кој ќе стане градски симбол за убаво дружење и мерак - вели и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски. 

Во план е проектот да продолжи со третата фаза, односно реконструкцијата на улуцата Михаил Цоков и нејзино претворање во пешачка зона. Со ова се создаваат услови овој дел од Дебар Маало да го носи името „Боемски кварт“.