Со празничен хепенинг и ГТЦ ќе пулсира во духот на предновогодишната атмосфера

Предновогодишен хепенинг под наслов „Размрдај го ГТЦ“ ќе се одржува во еден од омилените објекти на скопјани од 28-ми до 30-ти декември.

Како што најавуваат од управата на Градскиот трговски центар, на настанот ќе настапат некои од нашите најголеми музички уметници, како и млади бендови и диџеи. Настанот ќе се одржува на две сцени (по една на двата главни влеза). На влезот од кај плоштадот „Македонија“ ќе биде главната бина, додека на влезот од „Соравија“ ќе биде поставена диџеј сцената.

Притоа, посебен дел во секој од овие денови ќе биде посветен и на најмладите, за кои е подготвена специјална програма, со задолжителните дедомразовци и многу други изненадувања.

„Периодот од 12 години во кои речиси и ништо да не се случуваше во ГТЦ, конечно ќе заврши, а новогодинешните празници и еуфоријата која со себе ја носи овој период од годината, е идеален за почеток на креирање на новиот дух на овој објект“, информираат од управата.