Со повеќе настани во Македонија ќе се одбележи роденденот на ЕУ

Делегацијата на Европската Унија, во партнерство со бројни други организации, амбасади и општини, ќе организира и поддржи над 30 настани низ Македонија, со цел да го одбележи 67-от роденден на Европската Унија и да го доближи процесот на евроинтеграции поблиску до граѓаните.

Како што соопштуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Денот на Европа 2017, ќе биде одбележан со повеќе различни настани поврзани со спортот, како Скопскиот маратон и турнири во фудбал, со настани кон кои, како што велат, ќе придонесат земјите членки на ЕУ, со културни настани, со годишниот матурски танц за матурантите од средните училишта, како и со бројни дебати, предавања, натпревари и локални фестивали низ целата земја.

Членовите на ЕУ Инфо мрежата – ЕУ инфо точките во општините Дебар, Охрид, Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Крива Паланка, Велес и Кумановона 9 мај во 12 часот ќе организираат хепенинзи по повод Денот на Европа 2017, со цел да ја прослават Европската идеја на локално ниво.

Исто така, таму ќе престојува и ЕУ автобусот, што ќе патува низ земјата во посета на Петровец, Негорци, Просениково, Србиново и Пласница.