Со повеќе корисници на парното цената ќе се намали 25 отсто

Целосното искористување на централниот систем за греење во Скопје ќе придонесе за намалување на цената на услугата за корисниците околу 25 отсто, ќе овозможи развој на производството на топлинска и електрична енергија и зголемување на употребата на природен гас, а истовремено ќе значи и намалување на загадувањето.

Ова е еден од главните заклучоци на студијата „Дефинирање на техно-економски оптимална и еколошки одржлива структура на греење и имплементирање на централното снабдување со санитарна топла вода на градот Скопје“, изработена од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“ од Скопје и Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ).

- Идејата е да се зголеми потрошувачката на топлинска енергија централизирано произведена и да се намали потрошувачката на електрична енергија, со што глобално на ниво на држава ќе се намали загадувањето исто како и на локално ниво во градот - вели Kонстантин Димитров од МАЦЕФ.

Во студијата е обработен и проблемот со централизираното снабдување со санитарна топла вода, преку што може да се смали потрошувачката на електрична енергија. Димитров посочи дека ќе бидат потребни поголеми финансиски средства веднаш да се вложат за да се обезбеди санитарна топла вода во секое време во домаќинствата, но тоа долгорочно е поевтино отколку да се добива со електрична енергија.

Во студијата се наведува дека зголеменото ниво на концентрации на цврсти честички во воздухот во Скопје, особено во зимскиот период, се должи и на условите во сообраќајот, односно возење на кратки релации и во услови на сообраќаен метеж. Зголеменото загадување се должи и на густите урбанистички решенија, зголемениот број жители и други последици од неприродното растење на градот, како и од појавата на температурна инверзија карактеристична за котлините.

Во студијата има предлог концепт за развој на грејната структура во Скопје составен од краткорочен, среднорочен и долгорочен план со преглед на потребните инвестиции за реализација.