Со помош на кредит кажете им збогум на проблемите - брзите и „лесни”кредити, брзо и лесно ги „глават" граѓаните

Немате пари за одмор? Немате пари за убавите пар чевли? Сакате нов автомобил? Белата техника во домот ви е пред расипување? Станот ви станува се потесен? Не се секирајте, постои спас и за вас...

Ова се само мал дел од рекламите кои се вртат низ медиумите, каде на луѓето им се нудат брзи и лесни кредити, како спас од ситуацијата во која се наоѓаат.

Брзи и лесни во смисла, брзо доаѓате до нив, без чекање со денови, недели или пак месеци, без жиранти.

Баш и поради таа причина, речиси секое македонско семејство се одлучува на овој чекор. За реновирање, за доградба, станбен кредит, за автомобил, потрошувачки, за свадба, за матура...

Некои се глават и со години не можат да им се раздолжат на банките. Земаат од една враќаат во друга.

-Јас сум против кредит, но едноставно не можеме без него. Не го користиме за луксуз. Имаме мали плати. Апаратите за домаќинство ни се стари, уште кога се земавме со сопругот пред 30 години. Почна да откажува еден по еден. Без клима уред можеш, но не можеш без шпорет и фрижидер. Ги земаме на 12 рати и отплаќаме секој месец, инаку како би собрале пари за нови, вели Лидија.

-Ние земавме кредит за свадбата на ќерка ми. Стануваше збор за 2.000 евра. Се уште ги враќаме. Но тоа е, кога немаме. Среќа банките се секогаш тука, додава Наташа.

Има и такви кои не земаат класичен кредит, но секој месец одат во минус од платата.

-Немаме кредит, но секој месец сме во минус. Инаку не би можеле да истуркаме месец. Имаме двајца студенти, вели Горан.

Сепак кредите за некој се спас, а банките се секогаш расположени за соработка.