Со плати од околу 400 евра за општ лекар и околу 700 евра за лекар-специјалист веќе со години се гради здравствениот систем во државата

Само неколку причини се клучни зошто македонските лекари заминуваат во странство. Тука се соочуваат со мали плати и со недоволни услови за работа. Но, како е во странство?

Со плата од 3.000 евра и неделни дежурства од 800 евра, лекарите во Словенија се меѓу најплатените на Балканот. За разлика од нив,  лекарите во Хрватска добиваат 1.100 евра месечно, додека „белите мантили“ во Романија, Србија и во Црна Гора заработуваат од 500 до 700 евра. Така барем покажуваат регионалните статистики.

Токму од тие причини, веќе неколку години тресе балканскиот синдром на миграција на лекарите, незадоволни од својот статус и од платите. Бројката станува алармантна. Повеќе од 650 лекари лани ја напуштиле  Србија, додека околу 300 лекари годишно од Хрватска заминуваат на работа во западноевропските земји.

Вакви се статистиките во соседните земји. Но, ништо поразлична не е ниту состојбата во Македонија. Со плати од 400 евра за општ лекар и околу 700 евра за лекар-специјалист веќе со години се гради здравствениот систем во државата. Токму затоа лекарската фела во земјава ја зафати треска за работа во странство, а миграцијата се сведува само на билет во еден правец.

Додека се „креираат“ здравствени реформи, лекарите масовно продолжуваат да го фаќаат првиот авион за Германија!