Со „перничиња“ ќе се стопираат бесните возачи во Лисиче

По десетина дена протести долж булеварот „12-та Македонска ударна бригада“, жителите на скопската Населба Лисиче ги прекинуваат своите активности.

Имено, во текот на вчерашниот ден дел од граѓаните оствариле средба со шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, Никола Наумовски.

На средбата жителите ги доставиле своите барања до Градот Скопје, меѓу кои беше поставување на семафор на една од раскрсниците на булеварот, каде што Наумовски ги сослушал, се согласил со истото и им ветил дека до 15 октомври на четирите раскрсници ќе бидат поставени по четири гумени перничиња на двете страни од булеварот.

– Остваривме средба со жителите на населбата на која се договорени сите безбедносни прашања во врска со овој булевар, па засега е одлучено до 15 следниот месец да бидат поставени дополнителни физички пречки за намалување на брзината. Не се исклучува можноста да се реализира и поставувањето на семафор на бараната локација. Тоа е малку покомплицирана процедура, затоа што треба да се достави барање до МВР, доколку ни одговорат позитивно оттаму ќе го исполниме и ова ветување – велат од кабинетот на Шилегов.

Од страна на огранизаторите биле задоволни по завршувањето на состанокот со Наумовски, па поради тоа е одлучено да ги прекинат секојдневните протести кои траеја еден час.

– Ова во моментов е одлично решение, затоа што конечно добивме некакво ветување и работите се поместија од „мртва точка“. Очекуваме Градот да го исполни ветеното и затоа до рокот кој ни го споменаа ќе престанеме со протестите. Оставаме да видиме како ќе се одвиваат работите, но доколку ништо не се промени до 15 октомври, тогаш ќе продолжиме порадикално и ќе ја блокираме раскрсницата меѓу булеварите „Србија“, „3-та Македонска ударна бригада“ и „12-та Македонска ударна бригада“, велат за „Слободен печат“ дел од огранизаторите на протестот.

Жителите на Населба Лисиче десет дена протестираа долж булеварот барајќи да се постават семафори на булеварот „12-та Македонска ударна бригада“ со цел да се стопираат бесните возачи кои „лудуваат“ на оваа делница, а притоа се загрозува безбедноста на сите жители на оваа населба.