Со обезбедување ќе се брани „Делфина“ од вандали

Уништувањето на урбаната опрема во метрополата не е новитет што се појавува само последниве месеци или година. Речиси секојдневно градските и општинските власти наоѓаат уништени фонтани, клупи, канти за отпадоци и други предмети што се дел од урбаната опрема платена со парите од сите граѓани. Како дел од намерата за уништување, за вандалите не е само помалата урбана опрема туку и помалите плоштади. Неодамна општината Карпош реагираше со јавен апел токму за ваков случај. 

Жителите на Карпош реагираат и дека кога се уништува урбаната опрема се оставаат делови што можат да бидат многу опасни за најмладите, затоа што тие додека трчаат не внимаваат на околните предмети.

Од општината велат дека несовесните граѓани повторно го покажуваат своето хулиганство. Оттаму посочуваат дека речиси за две години откако е пуштен во употреба овој јавен објект, инвестиран од парите на граѓаните на Карпош, тој е предмет на десетина вандалски испади при кои се крадат прскалки, се фрлаат камења и стакла и се оштетува инсталацијата.

- Овој пат, повторно, освен големите камења и искршените шишиња во фонтаната, се сквернавеше и орнаментот од рози во неа, а постоеше опасност да се оштети и машинскиот дел на фонтаната што ја прочистува водата. Во сите случаи досега, општината Карпош интервенираше на нејзиното чистење. Наскоро ќе биде поставено обезбедување за да се спречат хулиганството и недоличното однесување на некои сограѓани, а да се заштити овој објект, кој го користат повеќето граѓани од овој дел на Карпош - истакнува општинската власт.