Со новиот закон ќе се менува моделот за евтина тарифа

Новиот закон за енергетика ќе биде поефикасен и насочен кон потрошувачите, а по неговото донесување Македонија ќе треба да се насочи кон носење закон за енергетска ефикасност, област во која прилично заостанува, порача директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) Јанез Копач на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.

– Во последните два месеца сработивме многу и мислам дека изработивме предлог чиј текст ќе биде многу блиску до финалниот. Денеска имав средба со претседателот на Собранието и со пратеници кои ме уверија дека ќе има транспарентен и конструктивен дијалог за предлог законот и оти ќе се донесе до крајот на март идната година, рече Копач и додаде дека регулаторот ќе биде најважната институција која треба да го создаде слободниот пазар и затоа треба да и се дозволи сама да си го носи финансискиот план.

Според него, во минатото, единствено Македонија и Босна и Херцеговина не ги следеле насоките од ЕЗ, организација која се заснова на владеењето на правото, за што покренале две процедури против земјава, а веднаш по доаѓањето на новата власт биле забележани јасни насоки дека работите одат напред.

Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека новиот предлог закон за енергетика е резултат на европското искуство во енергетиката во последните 50 години и дека ќе спречи повторно да се прават грешките што се направени.

– Овој закон само ќе обезбеди поголема конкуренстност во снабдувањето на сите енергенси, а со тоа и пониски цени и ќе ја спречи комоцијата во енергетските компании да пријавуваат трошоци кои некој ќе ги прифаќа, а ќе ги плаќаат сите граѓани, рече Анѓушев и посочи дека пред се нема да има комоција во ЕЛЕМ кој ќе мора да работи на слободниот пазар и да биде попродуктивен и повеќе да произведува.

Тој кажа дека со новиот закон нема да се приватизираат ЕЛЕМ и МЕПСО и дека двете компании долгорочно ќе останат во сопственост на државата.

Во врска со евтината тарифа за струјата, Анѓушев кажа дека секој од снабдувачите ќе им нуди посебни пакети на граѓаните за евтина тарифа за што претходно ќе треба да склучи договор со операторот на дистрибутивниот систем за да се прилагоди на договорот што го имаат снабдувачите со клиентите.

За субвенционирање на енергетската сиромаштија, што е предвидено во новиот закон за енергетика, рече дека очекува да почне од 2019 година по вовоедувањето на универзалниот снабдувач на пазарот и исполнувањето на сите подзаконски акти. Помошта од државата, како што кажа, ќе се однесува за најранливите категории на граѓаните.