Со марула и компир можете да си купите петарди и огномет - МВР ги заобиколува пазарите

И покрај апелите за неупотреба на пиритехнија зелените пазари полни и со опасни петарди, ракетки за огномет и слични експлозивно-распрскувачки производи.

Продавачите имаат интерес само да продадат и не им е важно дали купувачите се деца, кои од употребата на петардите може сериозно да настрадаат. Пиротехника се нуди и купува и на крстосниците со семафори во тој дел од градов. Иако казните се високи, продажбата е слободна и на пазарите и на сите фреквентни локации.

Инспекциски контроли нема или, пак, не ги плашат многу продавачите на пиротехника. Граѓани тврдат дека забележуваат како полицајци поминуваат покрај продавачите и не реагираат. Секоја година сликата се повторува и проблемот останува нерешен, пиротехниката влегува во земјава, а потоа и непречено се продава.

– На Бит-пазар слободно може да се купат петарди и секаква друга пиротехника. Продавачите се расположени да дадат попуст ако им се купат повеќе петарди, а цената се движи од 85 до 100 денари за едно пакување. Не прашуваат кој купува, дали се деца или возрасни, важно им е да продадат деновиве што повеќе. Петарди може да се купат дури и на семафори од продавачи низ градов – вели повозрасен скопјанец.

Од Министерството за внатрешни работи ги известуваат граѓаните дека неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија.

– Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Доколку забележат лица што продаваат пиротехнички средства, да ги пријават на полициски службеници лично или преку телефонскиот број 192. Апелираме особено до малолетниците да не употребуваат петарди, бидејќи тие претставуваат опасност за нивното здравје. Како и секоја година, така и оваа, во пресрет на новогодишните и божиќните празници, одделенијата за превенција при секторите за внатрешни работи спроведуваат кампањи, изработуваат летоци и плакати и одржуваат различни предавања преку кои укажуваат на можните последици од употребата на пиротехничките средства. Полициските станици, пак, со спроведување акциски контроли и проверки работат на откривање и санкционирање на лицата што вршат нелегална продажба на пиротехнички средства – информираат од МВР.

„Не употребувајте петарди! Над 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, од нив 80 отсто се деца“. Ова стои како предупредување на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи. Бројките се загрижувачки, а сепак Бит-пазар и другите зелени пазари опасно пукаат со разна пиротехника, која слободно се продава и може да се купи како овошје и зеленчук. Кој било, возрасен или дете, може да си купи што сака од богатиот арсенал од пиротехника. А од нивната употреба секогаш имало деца што настрадале и добиле изгореници, контузии, па дури и ампутации на рацете, како и повреди на лицето. Причината најчесто е поради ненавременото фрлање на пиротехниката, која им испукала в раце.