Со „Македонија вработува 2“ вработени околу 6.700 лица, рокот трае до 27 јуни

Пред крајот на едногодишниот проект „Македонија вработува 2“, кој истекува на 27 јуни, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги потсети заинтересираните компании дека уште месец и половина може да ја искористат поволноста да вработат лица и за нив да имаат помали трошоци, а бенефит ќе има и државата односно помал број на невработени граѓани.

Соопшти дека досега со проектот „Македонија вработува 2“ се вработени околу  6.700 лица во вкупно 4.600 компании. Со речиси 20-те илјади вработени во првиот дел од овој проект (Македонија вработува 1), сега се вработени вкупно околу 27.000. Очекува бројот на вработени во вториот дел да достигне осум до девет илјади, односно за двата дела од проектот вкупно и до 30.000 вработени, со оглед дека честопати се чека последниот рок. 

- До 27 јуни  компаниите имаат можност да вработат лица и во наредните три, четири, пет години да имаат одредени ослободувања по плаќање на персонален данок на доход или, пак, придонеси кон пензиско и здравствено осигурување. Што значи дека вработените што ќе ги земат на работа ќе им бидат поевтини затоа што нема да ги плаќаат за нив придонесите или персоналнот данок, зависно од категорија до категорија, бидејќи постојат повеќе категории, главно ранливи категории на лица, меѓу коишто се повеќе други социјално незгрижени лица итн, изјави Груевски по увидот на просторот на Градскиот стадион кој е адаптиран за потребите на Супер купот.

Нагласи дека проектот „Македонија вработува“ придонел за намалување на невработеноста, додавајќи дека во однос на 2006-та кога ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт и затекла 38,7 отсто невработени, невработеноста сега е сведена на околу 23 отсто што, рече, е на најниско ниво во последните 20-ина години.

- Тој тренд треба да продолжи. Верувам дека така ќе биде во иднина затоа што компаниите коишто ги донесовме, особено странските, имаат повеќегодишни развојни планови и планови за вработување. На пример, некои од нив изградија објект,  но планираат во првата година сто вработувања, во втората веќе уште 300, во третата  уште 400  итн. Во многу компании е планирано генерирање на нови работни места затоа што се такви нивните развојни планови. Очекувам 23 најмалку поради оваа причина, затоа што странските компании и нивните добавувачи имаат потпишани договори и планирани вработувања, ќе има дополнителни работни места во Македонија, а верувам и дека и на друг начин ќе се стимулираат вработувањата, додаде Груевски.