Со лажен пиштол ограбиле заложна куќа во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица кои се товарат за разбојништво.

Обвинетите како соизвршители, по претходен договор, на 19-ти септември во заложната куќа ‘Астра кредити’, на улица ‘Лондонска’ во Скопје, одзеле туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат, информираат од Обвинителството.

„Откако влегле во објектот, околу 11.50 часот, едниот од нив држејќи во рака пиштол, кој всушност е запалка „Pietro Bereta“, побарал од оштетениот – вработен во заложната куќа, да го отвори сефот и да ги извади парите. Оштетениот постапил по ваквата наредба, го отворил сефот и на обвинетите им дал 120.000 денари. По ова, вториот обвинет се приближил до сефот и го зел остатокот од 180.450 денари кои се наоѓале внатре. Двајцата обвинети потоа го напуштиле местото со мотор кој бил паркиран во близина на заложната куќа“, велат од Обвинителството.

Со цел непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави посебен предлог за продолжување на претходно определениот притвор за двајцата обвинети.