Со купување на македонски производи ги заштитуваме работните места

Вирусот корона со себе донесе уште една епидемија која што на површина ја извади сета лажна блескавост на власта за македонската економија. За само две недели недостасува половина државен годишен буџет, вели во своето видеообраќање Игор Божиновски, од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Кризата е голема, застанува извозот од Македонија, застанаа нарачките од домашните фирми, полека запираат погоните на македонските компании. Македонскиот работник повторно е загрижен за иднината на својата работа. И со право. Македонското стопанство дневно губи милиони евра, а работите не одат на подобро. Во отсуство на вистински мерки на власта, мораме самите да си помогнеме. Едноставно е, купувајте македонски производи.

Македонија произведува се што е потребно сега за домаќинствата, храна, пијалоци, средствата за лична хигиена, се што ви треба за надминување на состојбата за време на самоизолацијата. Во нашите маркети ќе најдете се што ви е потребно, а е направено во македонски компании од македонски работници, Со нашиот избор за купување на македонски производи ние заштитуваме работни места за вредните работници.

Вашиот избор нека бидат македонски производи, бидејќи македонската економија, македонските компании, македонските работници тоа го бараат од нас.

Сега е вистинскиот момент да си помогнеме самите, побарајте го знакот за квалитет на производите, за да ја заштитиме економијата, за да ги зачуваме македонските компании и работните места на македонските работници. Купувајте македонски производи. Затоа што ја сакаме Македонија, порача Божиновски.