Со концерт на камерниот хор „Света Злата  Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димовска Полизова вечерва во Музејот на Град Скопје ќе биде отворено 11-то издание на фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија.

На програмата, како што е најавено, се дела од Скаловски, Иванов, Запров, Брајант, Верди, Грахам, Шуплевски, Стојков, Зографски, Гајдов и Прокопиев.

На програмата на 18 октомври се македонските млади уметници Анастасија Грговска-виолина и Бојан Илковски-пијано, на 21 октомври концерт ќе одржи интернационалниот состав Линда Хедлунд-виолина и Доменико Дел Гуидиче-гитара, на 24 октомври концерт ќе има Скопскиот дувачки квинтет, а на 25 октомври рецитал ќе има младата пијанистка Мимоза Кеќа. На затворањето на фестивалот на 26 октомври ќе настапат Момчило Куфојанакис-виолина и Весна Ангелова-пијано.

На фестивалот ќе бидат врачени и наградите на „Златна лира“ на Страшо Темков за едногодишни успешни настапи и на сопранката Марија Наумовска Муратовска за животно дело.