На 21 мај, со македонскиот и светски пијанист Симон Трпчески и еден од најдобрите диригенти во светот, Русинот Владимир Ашкенази, свечено ќе ббиде отворена новата концертна сала на Македонската филхармонија.

Со Свитата бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ од еден од основоположниците на македонската музичка култура Трајко Прокопиев, со Концертиот за клавир и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев на кој како солист ќе настапи врвниот Трпчески, како и грандиозната Петта симфонија од рускиот великан Петар Илич Чајковски, ќе почне со работа новиот дом на Македонската филхармонија.

По тој повод, денеска пред новата зграда на Македонската филхармонија се одржа прес-конференција на која се обратија Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, како и концертмајсторот, виолинистот Владимир Костов.

„Дозволете ми на почетокот да ве поздравам и да го изразам моето големо задоволство што на денешната прес конференција имаме можност да  најавиме завршување на уште еден капитален проект од програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, проект кој има исклучително значење за македонската култура и за нашата држава воопшто“, рече Канческа-Милевска. „Како што знаете, во изминатите години бевме сведоци на реализацијата на огромен број инвестиции и капитални проекти кои ги унапредија условите за остварување на културата во нашата држава и овозможија промоција и афирмација на нашето богато културно наследство и  актуелно творештво. Во оваа насока, со особено задоволство би сакала да ве информирам дека во месец мај, по цели 73 години од своето постоење, Македонската филхармонија, најстарата институција од областа на музичко-сценската дејност во РМ, конечно ќе добие свој дом. Македонската филхармонија ќе добие  нова  концертна сала на чиј што подиум ќе се испишува македонската музичка историја, ќе се презентираат креативните и творечките потенцијали на нашите уметници, музичари, композитори, диригенти, на странските ансамбли и гости. Ќе потсетам дека досега Македонската филхармонија концертираше во салата на Домот на Армијата за која редовно се издвојуваа средства за кирија и за останатите потреби кои беа поврзани со санацијата на оваа сала. Затоа сметавме дека Македонската филхармонија како институција која  во изминатите седум децении го градеше достоинството на македонската  музичка култура и го прослави името на нашата држава низ сите светски меридијани заслужува еден современ дом, концертна сала изградена по сите светски стандарди во која уметниците ќе можат на еден достоинствен  начин да ги презентираат своите уметнички  потенцијали кои не издвојуваат во европскиот културен простор.“

Новиот објект на Македонската филхармонија е изграден по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и е разработен  како основен и изведбен проект од  проектантската куќа Македонија проект. Се протега на површина од 12.400 метри квадратни и истиот се одликува со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди.  Физичката локација на оваа комплексна сала го потенцира идеалниот триаголник со институциите од областа на музичко сценската дејност во нашата држава  кои се наоѓаат во непосредната близина на Македонската филхармонија, а тоа се  Македонската Опера и Балет и Факултетот за музичка уметност. Новиот објект располага со две сали,  голема сала со капацитет  1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. Големата сала  располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика во која верувам дека ќе уживаат сите посетители. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна,  современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани.  Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа. Објектот поседува  и  кафетерија,  музичка продавница и паркиралиште за вработените.

Министерката за култура истакна и  дека е набавена и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за истите, а во тек е и набавка на нов инструментариум (оргули, концертно пијано, харфа, контрабаси, удирачки инструменти и друго) со што ќе се овозможи поквалитетна изведба на музичките дела од македонската и светската литература.

„Му благодарам на Министерството за култура овој објект да го донесеме во завршна фаза. Овој дом претставува остварување на сонот на оние кои ја формираа Македонската филхармонија и потоа на сите музичари кои работат во оваа институција. Многу сме возбудени за настанот кој што ни претстои“, рече директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ. „Кога нешто тлку долго се очекува, и адреналинот е поголем. Концертната сала е навистина прекрасна и е единствена во регионот специјално наменета само за филхармониски оркестар. Направена е по сите светски стандарди на што сме особено горди. Досега работевме во неповолни услови, свиревме на стари инструменти, во простор со лоша акустика. Сега, освен нова сала, ќе имаме и нови инструменти, а и со новата акустика, звукот на оркестарот ќе даде еден поинаков сјај. Иако, признавам, не беше лесно да се справиме со она што не очекува, но знаеме дека ќе влеземе во врвен објект и дека почнуваме нова музичка историја.“

Чанаќевиќ додаде дека новата сала на Македонската филхармонија ќе биде наменета за сите музички уметници од земјава, на сите граѓани, на сите странски уметници и ансамбли.

Концертмајсторот Владимир Костов, од името на музичарите од Македонската филхармонија, рече дека се горди што ќе бидат дел од вој историски чин, затоа што првпат во Македонија се создава вакво нешто.

„Во текот на нашето уметничко делување, сме настапувале и во странство и секогаш сме замислувале како би било и ние да свириме во концертна сала каква што доликува на еден филхармониски оркестар. Како би звучеле сите програми кои што ги свириме во една убава концертна сала. Сега сонот стана реалност. Имав прилика да влезам во новиот објект и сега знам дека станува збор за нешто совршено, затоа што секој детал при изградбата беше под надзор. Сега ќе имаме одлична акустика, гардероби, простории за да вежбаме, нормални хигиенски услови, паркинг... Моите колеги со нетрпение очекуваат да го отсвират првиот тон“, истакна Костов.

Картите за концертот со кој свечено ќе се отвори новата концертна сала ќе бидат пуштени во продажба од 20 април.