Со концерт на “Баклава” завршува 8.„МакеДокс", ќе се доделуваат наградите

Со доделување на наградите и со две проекции, на краткиот документарен филм „Жалфија" на Шон Стилер од САД, како и на долгометражниот „Чавела" на Катерина Гунд и Дареша Кјуи од САД, вечер завршува 8. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс".

Фестивалот ќе биде заокружен со концерт на „Баклава".

Осумте документарци во Главната програма на „МакеДокс", со проекции во Куршумли-ан, се натпреваруваат за наградата „Кромид" за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.

За наградата „Млад кромид" за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки.

За наградата „Кокарче" за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.

Годинава, првпат на „МакеДокс" ќе биде доделена и награда за краток документарен филм, „Сечкан кромид", а за неа ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.

Сите филмови што се прикажани на „МакеДокс" влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.

Скулптурите што ќе бидат доделени како награди на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.

Изминатите шест на 8. „МакеДокс" беа прикажани 66 филмски проекции на кратки и долгометражни документарни филмови во главната, студентската, детската и програмата на нови автори на две платна, се одржаа три работилници, пет разговори под смоквата и во преполното гнездо на „МакеДокс".

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс" е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА - потпрограма на „Креативна Европа", Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.