Со кола од Чаир до Центар само за неколку минути!

Градежната фирма „Бауер БГ“ од Скопје е ангажирана за реконструкција на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во скопската општина Чаир.

Со проектот ќе се рехабилитира коловозот и ќе се постави ново улично осветлување на потегот од улицата „Џон Кенеди“ до улицата „Рокомија“, во должина од 600 метри.

Постојниот коловоз на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе се прошири и ќе добие 4 сообраќајни ленти, по две ленти во секоја насока, на должина од 670 метри. Од левата страна на булеварот, гледано од центарот на градот кон Чаир, ќе се изгради тротоар со ширина од 4 метри.

Од десната страна на коловозот ќе се оформи заштитно зеленило со променлива ширина, велосипедска патека со ширина од 2,25 метри и пешачка патека со ширина од 2 метра. Градежните работи на булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација со должина од 280 метри и профил на цевките од 400 милиметри, која ќе се приклучи на постојната атмосферска мрежа.

Се планира да се изгради и нова фекална мрежа на должина од 255 метри, како и нова водоводна мрежа на должина од 850 метри.

Санацијата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ е дел од поопсежниот зафат за продолжување на оваа сообраќајница во општина Бутел, овозможувајќи им на граѓаните од населбите Радишани и Бутел уште една патна врска со центарот на градот.