Од 31 октомври, ниско-буџетната авиокомпанија „Еуривингс”, ќе отвори нова линија Скопје–Минхен, поврзувајќи го скопскиот аеродром „Александар Велики“ со меѓународниот аеродром во Минхен.

Kако што најавија официјалните претставници на авиокомпанијата, најниските цени за авионските билети ќе почнуваат од 39.99 евра, а рутата ќе ги поврзува македонските граѓани и сите патници на скопскиот аеродром со главниот аеродром во Минхен, аеродромот „Франц Јозеф Штраус“, кој е главниот аеродром  во германскиот град. Авиокомпанијата неодамна најави 10 нови прекуокеански летови од аеродромот во Минхен.

„Еуровингс” ќе лета на линијата Скопје–Минхен два пати неделно, секој вторник и петок, со Ербас А320-200, со капацитет од 174 седишта. 

„Уверени сме дека ова е одлична вест за патниците и во Македонија и во Германија бидејќи ќе имаат уште еден директен лет што ќе ги поврзува двете земји. Ова исто така го означува и почетокот на работењето на „Еуровингс”, како нискобуџетна авиокомпанија, на македонскиот воздухопловен пазар. Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе биде поврзан со главниот аеродром во Минхен, што ќе претставува одличен избор и можност за продлабочување на комуникацијата меѓу двата града.  Друг важен факт за „Еуровингс” како членка на групацијата Луфтханза, е дека нашите патници, не само од Македонија, туку и од регионот, ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и на интерконтинентално ниво надвор од Минхен”, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.  

Билетите за летовите на оваа линија се веќе во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.