Снежана Конеска Руси со порака за Светскиот ден на театарот

Театарот е лековит. Ослободува од страв, а ослободен од страв човек живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар, се вели во македонската порака на актерката Снежана Конеска Руси напишана по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март.

Во пораката Руси истакнува дека генерации глумци заминуваат, но театарот останува, опстојува и пркоси на просторот и времето.

– Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури…клучни кругови, чести кризи, смени на генерации – и секогаш истото прашање – „може ли театарот повеќе од ова долу-подолу?. Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија, објаснува Руси во пораката.

Според неа, телевизијата го тера гледачот да ги заборави своите маки, порази, а да ги преживува туѓите. Телевизијата, како што пишува Руси, го прави гледачот мртов.

-Гледачот во кино сака да се скрие од светот, да превземе доживувања кои самиот ги нема. Гледачот во театар вистински ужива. Театарот овозможува „игра“, нуди неповторливо задоволство. Театарот го чинат живи луѓе. Филмот нуди одредена приказна, театарот нуди живот. Театарот е уметност на живи луѓе, истакнува Руси.