Снегот и студот го земaат данокот – растат цените на зелените пазари!

Ниските температури и работата на отворено натера многу пазарџии да не се појавуваат на своите тезги, особено во деновите на екстремно ниски температури.

Но, откако студот малку попушти, некои од нив се вратија да го надоместат изгубеното. А, тоа, резултираше со зголемени цени на зеленчукот и овошјето. Така, цвеклото кое чинеше 20 денари сега се продава за 30 денари, морковот од 30 сега е 40 денари за килограм, дајконот наместо 20 се продава дури за 50 денари, а целерот од 30 сега чини 100 денари за килограм.

Пазарџиите велат дека поради ниските температури финансиските загуби им се големи, а месечната давачка за тезга мора да ја платат независно колку пати ја отвориле. Закупот за ваков продажен простор е различен на сите пазари и изнесува од 2.820 денари на пазарот во Шуто Оризари до 7.000 денари на Зелен пазар.

Користењето магацински простор на Бит-пазар чини 4.000 денари. А во овие зимски услови, велат продавачите, тешко се заработува кога производите многу брзо замрзнуваат и тешко се продадат на и онака малкуте купувачи кои ги посетуваат зелените пазари. Потрошувачката на овие производи деновиве е поголема во маркетите.

Пазарџии на Зелено пазарче тврдат дека луѓето повеќе пазарат во маркетите поради можноста за плаќање со картички, што на пазарите ја немаат. Убедуваат дека производите на пазар се далеку посвежи. Сепак, едногласни се дека е потребно осовременување на зелените пазари, односно изградба на затворени пазари на кои ќе им биде попријатно и на купувачите и на продавачите. Така позаштитени ќе бидат и производите, кои лесно мрзнат или калираат. Од „Скопски пазар“ не можеа да ни одговорат дали во догледно време планираат да ги подобрат условите на зелените пазари и дали планираат изградба на затворени пазари, бидејќи двајцата одговорни за пазарите биле службено отсутни.