Снег во петок, но само на повисоките места

Овие неколку дена бевме сведоци на „интересни“ наслови поврзани со промената на времето која ни следи. Но, и покрај сите чудни наслови, промената воопшто нема да биде чудна, ниту пак страшна, пренесува порталот Метеопро.

Промена очекуваме вечерва, а се однесува на продор на постуден воздух од север, што е сосема нормално во овој дел од годината. Пад на дневната максимална температура ќе има, но и со овој пад, температурата во четврток и петок во најголем дел од низините низ земјава ќе остане над 10°С, односно помеѓу 13°С и 16°С в четврток, а в петок помеѓу 10°С и 15°С.

Во однос на врнежите, брзиот продор од север и воспоставувањето на поле на висок притисок потоа, ќе го „истиснат“ циклонското влијание јужно од нас. Можеме да надеваме на врнежи при самиот продор, во раните саати од четврток во северните и западните краишта, а потоа брзо преместување кон југ. Повремено, споменатиот циклон ќе продуцира слаби локални врнежи, се до петок.

В четврток ќе биде облачно, но без очекувани значителни врнежи од таа облачност. Слаб дожд е можен на крајниот југ.

В петок доаѓаме до снегот. Но, снег ќе има само на повисоките планини во западниот крај, на надморска висина над 1700 метри, и истиот ќе биде релативно слаб. Низ населените места во западниот и јужниот регион врнежите ќе бидат од дожд, но ќе бидат повремени со слаб интензитет.

Во наредните неколку дена ќе дува повремен умерен северен и северозападен ветер.