Словачка донираше чизми за македонската полиција

Илјада и петстотини пара чизми во вредност од 113 илјади евра добија денеска македонските полицајци во форма на донација од Владата на Словачка.

Донацијата беше предадена денеска во касарната во Ѓорче Петров, каде се распоредени припадниците на Единицата за брзо распоредување, од страна на словачкиот амбасадор Мартин Безак, а во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки.

- Успешната соработка трае подолг период и таа се надградува, а во интензитет доби за време на мигрантската криза, кога словачки полицајци помагаа во обезбедување на границата на Македонија со Грција, рече Спасовски.

Тој додаде дека се очекува пристигнување на десеттиот контигент на словачки полицајци. 

- Оваа донација од 1.500 чифта е во вредност од 113 илјади евра. Не сакам да звучи цинично ама тоа е отприлика вредноста на онаа вртелешка, оној карузел на вардарскиот кеј, рече словачкиот амбасадор.

Безак нагласи дека оваа донација е во рамки на континуираната линија за помош. Потсети дека во 2015 година во екот на мигрантската криза словачки железници им обезбедиле на македонски железници осум патнички вагони за транспорт на мигранти од границата до Србија, во 2016 година словачкиот премиер и министерот за внатрешни работи беа единствените претставници на земјите-членки на ЕУ, кои лично беа на јужната граница. 

Безак го замоли министерот некои од овие чизми да ги добие граничната полиција.