Скопските трговци се жалат: Џабе даваме попусти кога нема кој да пазари!

Сопствениците на маркетите за храна и продавниците за облека во метрополата за празниците не ги спуштија цените на производите, но и граѓаните се воздржаа од купување. Иако податоците од продажбата за време на најмасовните денови за шопинг во годината, новогодишните и божиќните празници, се уште се сумираат, првичниот впечаток на трговците е дека прометот годинава во однос на лани е помал.

“За разлика од лани продажбата е многу намалена.Иако имаше попусти, прометот е преповолен во однос на минатите години. Нема веќе кој да пазари, џабе имаме попусти”, велат трговците.

Според сопствениците на дуќаните за текстил една од причините за намалувањето на продажбата е намалената куповна моќ на граѓаните и фактот што годинава многу од нив празниците ги дочекаа во домашна атмосфера. Другата причина, велат тие, се должи на појавата на повеќе трговски центри и распоредување на купувачите на повеќе локации.

Иако ниту маркетите со храна не поминаа нешто подобро од продавниците за текстил, сепак, оние што ги контактиравме велат дека имале умерено ниво на пораст за време на празниците во однос на истиот период лани.

“Купувачите се верни на своите традиционални обичаи, што се потврдува и преку засилената набавка на брашно, сувомесни и млечни производи, пијалаци... Но, не е како претходдните години”, тврдат сопствениците на маркети.

Угостителите, пак, велат дека заработката им е стандарна како и секоја година пред и по празниците.

“Работа има како и секоја година. Важиме за народ кој сака да се забавува и не жали за потрошени пари во кафеана. Но, откако заврши периодот на прослави, замре и работата”, открија сопствениците на кафеани и кафулиња.

Инаку, за разлика од кај нас во Европа новогодишните празници освен со прославите се почесто ги поврзуваат со потрошувачката еуфорија во која брендирани производи може да се најдат и по багателна цена.

Дали на нас ни недостасуваат реални попусти или пари, проценете самите...