Скопските градоначалници на ракомет во Хрватска - трошоците од џебот на граѓаните?

Наместо на работните места, повеќе видни функционери и градоначалници деновите ги минуваат во Хрватска на ракометни натпревари. На социјaлните мрежи тие се пофалија со фотографии, а граѓаните преку коментари негодуваа како сите во исто време се во Хрватска, но и прашуваа со чии пари се платени овие патувања.

Некои од општините и институциите одговорија, а други останаа неми на поставените прашања. Меѓу првите што пристигнаа во Загреб беше и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

„Покрај обврските за кандидатурата, Шилегов за време на престојот остварува средби и со загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ и со другите присутни градоначалници. Трошоците за патувањето на градоначалникот и членот на неговиот Кабинет се покриени од Македонската ракометна федерација, а за еден член на делегацијата патните трошоци и трошоците за сместување во хотел со три ѕвезди се покриени од Град Скопје“, велат од Кабинетот на Шилегов.

За разлика од него, не е познато во чија режија градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, отпатувал за Хрватска. Прашањата што се однесуваат на тоа со чии пари се платени ова патување и престојот, од Општината не одговорија. Според информациите на „Макфакс“, Наумовски во Загреб отпатувал со своето семејство и неколку пријатели. Наумовски денес не беше на своето работно место, а на социјалните мрежи објави фотографија со својот колега, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

„Билетите за натпреварот се платени од лични средства на градоначалникот Борис Георгиевски, без Општината да има некакви трошоци. Превозот е извршен со приватно возило за кое повторно Општината нема никаков трошок“, велат од Општина Гази Баба.

Нема одговор ниту за тоа кој го платил патувањето на заминик-министерот за здравство, Гоце Чакаровски, кој исто така деновиве беше на трибините во Загреб.

„Д-р Чакаровски во Хрватска е со семејството и блиски пријатели. Поводот е одмор“, информираа од Министерството за здравство, без да одговорат од каде се исплатени средствата.

Трошоците за патувањето и престојот не се познати ниту кога е во прашање новиот директор на општата болница во Прилеп, Илија Јованоски. Од болницата молчат за тоа дали се одлеани пари од службениот буџет за патувањето на директорот.