Четиристотини одобренија за градба се издадени во октомври годинава. Оваа бројка, според податоците на Државниот завод за статистика бележи раст во однос на октомври лани за 37,5 проценти.

Најмногу според издадените одобренија ќе се гради во Скопскиот регион со издадени 162 одобренија за вкупно 569 станови. Најмногу ќе се гради во Карпош каде се издадени 50 одобренија за 250 станови и Ѓорче Петров со издадени 34 одобренија за 172 станови.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.991.579 илјади денари, што е за 41,3 отсто повeќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 245 или 61,3 отсто се наменети за објекти од високоградба, 38 или 9,5 отсто за објекти од нискоградба и 117 или 29,2 отсто за објекти за реконструкција.

Од вкупно 400 објекти, кај 282 или 70,5 отсто како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 118 објекти или 29,5 проценти инвеститори се деловни субјекти.

Предвидена е изградба на 929 станови, со вкупна корисна површина од 74.963 метри квадратни.