Скопскиот градоначалник Шилегов во посета на Тирана

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, оствари средба во Тирана со градоначалникот на албанската метропола, Ерион Велиај, разговараше за зајакнување на односите и размена на позитивни искуства во интерес за граѓаните од двата града.

Во име на пријателството, Велиај на Шлегов му врачи плакета „Саат кула“, која е симбол во амблемот на градот.

По средбата, Велиај рече дека Тирана и Скопје имаат потенцијал да одат заедно и да учат од успешните модели едни од други.

-Многу сум среќен што и Албанија и Северна Македонија заедно се движат по патот на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Верувам дека и нашите градови, Тирана и Скопје, можат да одат заедно и да веруваат дека има многу работи што треба да се научат, рече Велиај, наведувајќи некои конкретни области на соработка меѓу двата града.

Градоначалникот на Скопје, Шилегов, ја пофали незапирливата трансформација на Тирана и изрази поддршка за унапредување на соработката со градоначалникот Велиај и во вториот мандат.

-Задоволство ми е да бидам тука повторно во Тирана, заедно со мојот пријател, и да му честитам за промените во градот минатата година, како и да му искажам подршка за локалните избори што ќе се одржат во јуни годинава, кога сум убеден дека тој повторно ќе ја добие довербата од граѓаните на Тирана. Денеска сме тука за да ги споделиме нашите искуства, она што го имате тука и она што го имаме во Скопје, што е добра можност заедно да разменуваме искуства. Сакав да му честитам за одличната работа што ја врши мојот пријател, рече Шилегов.

 

Најавено е градоначалникот на Тирана да престојува во Скопје во почетокот на идниот месец.

Шлегов во прва посета на Тирана беше во почетокот на декември 2017 година, една година по потпишувањето на меморандумот за збратимување.