Скопската зоолошка градина се подготвува за ново животно

До крајот на годината во скопската Зоолошка градина се очекува да бидат готови живеалиштата на шимпанзото Kоко, кој е на ресоцијализација во Холандија од 2009 година, како и за слон.

- Според проектот, живеалиштето на слонот треба да се простира на површина од околу 2.000 квадратни метри и ќе биде во близина живеалиштето на тигрите. Ќе има водени површини, а просторот ќе биде и хортикултурно решен. Ќе ги задоволува правилата на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – за Дневник изјави портпаролот на ЗОО, Дане Kузмановски.

Тој се надева дека ова живеалиште ќе биде готово до крајот на годината, под услов сите процедури да одат како што треба.

До крајот на годината треба се очекува да биде готово и новото живеалиште на шимпанзото Kоко, кое ќе биде изградено веднаш до живеалиштето на слонот.

Тој додаде дека не може да каже дали ќе побараат помлад слон или повозрасен, бидејќи како што објасни, сепак, бараат донација.

Според него, Зоолошката во Скопје, веќе 25 години е без слон, откако последниот слон што го гледаа посетителите на градината пцовиса во 1991 година.

Тој вели дека парите за живеалиштата се обезбедени од Град Скопје, и тоа само за слонот се обезбедени 20 милиони денари, но, како што вели Kузмановски, најверојатно ќе бидат потребни повеќе пари, за што ќе се организираат донаторски настани и концерти.

Според портпаролот Kузмановски, шимпанзото Kоко сега е здрав и весел и ќе се врати веднаш штом ќе биде готово новото живеалиште. Но, тој нема да се врати сам, туку најверојатно со уште тројца мајмуни, мажјаци.

Зоолошката градина е формирана во 1926 година од страна на тричлена комисија со која раководел доктор Станко Kараман. Тогаш е предложена и денешната локација која зафаќала четири хектари површина до крајот на 1965 година. Во тоа време Градината располагала со скромен број животни. Со текот на годините Градината се проширувала и се зголемувала колекцијата на животни. Денес зафаќа површина од 12 хектари и располага со колекција од 494 животни од 89 вида (цицачи, птици, влекачи). Располага со економски дел, работилница, ветеринарна амбуланта, забавен парк за деца и два едукативни центри. Од 2006 година Зоолошката започна соработка со ЕАЗА, а во мај 2009 година, доби статус кандидат за член на ЕАЗА.