Скопска премиера на филмот„Малина“ на Синедејс, урбана приказна за две тинејџерки

Краткометражниот македонски филм „Малина“ во режија на Анастасија Лазарова Пилинг, а во продукција на Никола Мадиќ односно „Монолит филм“, ќе биде прикажан утревечер во 21 часот (вторник) во киното „Фросина“ во рамките на фестивалот Синедејс.

Филмот „Малина“ е дебитантско остварување на Анастасија Лазарова Пилинг, а беше сниман летово три дена на препознатливи скопски локации како Музејот на современа уметност, скопскиот клуб „Станица 26“.

„Малина“ обработува универзална тема за две тинејџерки и се случува во две деноноќија.

„Авторскиот приод на младата режисерка наметнува свежина во изразот со современа приказна за адолесцентите кои се во потрага по својот личен идентитет. Соочувањето со љубовта и пријателството воедно пробувајќи да се изборат со стигмите, се фокусот на авторката на „Малина“., известуваат од продукцијата.

Главните улоги ги играат Сара Климоска и Ивана Павлаковиќ а во останатите се појавуваат Стефан Спасов, Бојан Кирковски и Амернис Јовановска-Нокшиќи. Кинематографер е Наум Доксески, сценографијата и костимите на Илина Ангеловска, а монтажата на Владимир Павловски. Зад музиката е потпишан Дамјан Лазаров.

„Малина“ премиерно беше прикажан на последното издание на фестивалот „Браќа Манаки“.