Ретро
16. септември 2016 - 11:32

Скопска населба со најмногу кафеани и бордели (фото)

Крњево се наоѓаат во средиштето помеѓу Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Македонската телевизија, Скопскиот Саем.

Крњево Маало било познато по старата воена болница „Полумесечина“. На крајот од болницата се наоѓала Кумановската трошарина каде што била и Стара нова бања. Во Стара нова бања се бањале девојките и момчињата пред армасување. Таа била маалска бања, каде што мажите се бањале во вторник, а жените во сабота. Во останатите денови од неделата, жителите на ова маало се бањале дома во корито.

Друго обележје на ова маало била познатата Саат-кула. Таа се издигала северно од Муратовата џамија, во нејзиниот двор. Во 1904 година дрвената конструкција на Саат-кулата била заменета со тули. Денешната форма ја добила кон крајот на 19 век. 

Крњево е познато и по многу занаетчии родени во ова маало: Борислав Стоилковски-Раштавец - автолимар, Киро Стојановски - брат на народниот херој Коце Стојановски-Металец, Славе Атанасовски - работник и други. Во маалото имало бавчи за тутун, афион, арпаџик, жита, најубави овошки, градини за ран зеленчук, леи под стакло од каде што се снабдувале скопските пазари.

Во Крњево имало најмногу кафеани, „Врњци“, „Жарла“, „Гавро“, „Алки“, „Светозар“ (бордел со кукли - лесни жени) каде што се организирале игранки за млади луѓе. Тука свирел Александар Сариевски-Сарија. На двата брега на реката Вардар се наоѓале плажи, кои крњевчани ги делеле со маџирмаалци. Не помалку е интересна и карактеристиката за маалото и за реката Вардар: „...во нескротливиот Вардар, чист како солза, од чии води Севдо - Страхил, последниот член на злогласните ’Црни браќа‘ ги вадел најголемите бојници, кленови, мрени, па и по некој заскитан сом“.